Личен рекорд: Јокиќ се заборави од давање кошеви, ама – Денвер загуби од најлошиот (ВИДЕО)

Српскиот кошаркар, Никола Јокиќ, блесна со личен НБА рекорд со 56 поени , но ниту тоа не беше доволно неговиот Денвер Нагетс да избегне пораз во пресметката со Вашингтон Визардс (113-122), тим со најслаби перформанси оваа сезона.

„Волшебниците“ славеа на домашен терен со 122:113, со што ја прекинаа серијата од 16 последователни порази. Јокиќ, тројниот МВП во најсилната лига на светот, постигна 22 од 38 обиди од игра и 9 од 13 слободни фрлања, на што додаде и 16 скока и осум асистенции. Неговиот личен рекорд од 56 поени е втор најдобар учинок во историјата на Денвер, веднаш зад легендарните 73 поени на Дејвид Томпсон во 1978 година. Со вкупно 14.704 поени, Јокиќ се искачи на второто место на листата на најдобри стрелци во историјата на клубот, зад Алекс Инглиш (21.645).

Вашингтон, кој пред овој натпревар имаше скор од само две победи и 18 порази, ја прекина најлошата активна серија во НБА. Тимот и минатата сезона имаше 16 последователни порази, што го прави овој триумф уште позначаен.

Резултати од другите натпревари: Оклахома – Њу Орлеанс 109-119, Детроит – Њујорк 111-120, Далас – Торонто 125-118, Мемфис – Бостон 121-127, Мајами – Феникс 121-111.