Коби Брајант стана вечен, Џордан едвај издржа да не се распадне од - плачење (ВИДЕО)

Ептен емотивна беше вчерашната ноќ за сите спортски вљубеници во целиот свет, поради промоцијата на членовите на генерацијата 2020 во Куќата на славните во Спрингфилд, одржана со осум месеци доцнење поради пандемијата со коронавирусот, а во која се најде и трагично загинатиот Коби Брајант.

Тој беше постхумно претставен од неговата сопруга Ванеса, откако на почетокот од минатата година загина во хеликоптерска несреќа заедно со својата ќерка Џиџи. Заедно со Брајант, во друштвото на бесмртните влегоа уште две големи НБА-легенди, Кевин Гарнет и Тим Данкан. Но, очекувано, најголемо внимание привлече говорот на Ванеса Брајант, која говореше во име на Коби.

„Коби беше на посебно ниво. Никогаш не бараше кратенки за да успее. Даде сè што можеше за овој спорт. Играше повреден, со скршен нос, со скршен прст. Учеше да ја користи само левата рака за да може да игра, додека прстот на десната не заздрави. Дури со скината ахилова тетива шутираше слободни фрлања пред да го напушти теренот. Една од причините што Коби минуваше низ сите овие повреди е бидејќи уште од мал сонувал да биде како неговиот омилен играч, Мајкл Џордан. Никогаш не сакаше да ги разочара своите фанови, особено најмладите, кои доаѓаа во сала за да го гледаат како игра. Еднаш ми кажа дека ако веќе се обложуваш на некого, обложи се на себе. Мило ми е што ти Коби, се обложи на себе, бидејќи конечно успеа. Сега си во Куќата на славните, вистински шампион, не само МВП, туку еден од најдобрите на сите времиња. Горда сум на тебе и те сакам, Коби 'Бин“ Брајант', говореше Ванеса на приемот.

За време на говорот на сопругата на Коби, до неа постојано беше Мајкл Џордан, големиот пријател и ментор на ѕвездата на ЛА Лејкерс, кој едвај се воздржуваше да не се распадне од плачење. Покрај трите играчки легенди, во Куќата на славните се најдоа и тренерите Руди Томјановиќ и Ким Мулки, како и Еди Сатон, Патрик Бауман исто така постхумно и двете дами, Тамика Кечингс и Барбара Стивенс.