Книга ли ќе читаат НБА-ѕвездите? Протоколот за рестарт на сезоната на дури – 113 страници!

Најсилната кошаркарска лига НБА најави дека на 31 јули во Дизниленд (Орландо, Флорида) ќе ја рестартира сезоната со 22 тима, а забрзано се подготвуваат преку Атлантикот за продолжение на кошаркарската лига и за тоа подготвија цла книга на правила за кошаркарите – протокол од 113 страници.

НБА не остави ништо на случајот и буквално до најситен детал ги разработија сите можни сценарија, со најразлични препораки за кошаркарите, па бидејќи изработиле книга, дел од новинарите дури и посочија дека има – урнебесни мерки.

Така во делот за одржување на хигиена на играчите им е забрането да не плукаат и да не го секнат носот (нешто што го има во протоколите и за фудбалските првенства), ама има и забрана за бришење на топката од својот дрес, лижење на прстите, да не ги допираат штитниците за заби ако не мораат.

Така има дел и во кој им се препорачува на кошаркарите во слободно време ако се забавуваат со пинг-понг, да играат само „еден на еден“, а никако во парови за да се задржи физичката дистанца од шест стапки (нешто под два метри).

Во делот на урнебесните препораки има и околу играњето карти. Па, играчите би требало да седат повторно на дистанца од шест стапки, а освен тоа да носат маски ако се во затворен простор и после играњето, шпилот со карти да го фрлат во канта за ѓубре.

Интересно, НБА ќе отвори и телефонска бесплатна линија на која кошаркарите ќе може да се „кодошат“ едни со други, ако забележат прекршување на протоколите, ама нема детали со какви казни евентуално ќе се соочат ако некој ги пријави и како ќе се утврди дека направиле прекршок, па новинарите се сомневаат дека тоа може да биде контрапродуктивно и да има големи злоупотреби.