Кевин Дурент останува во Голден стејт!

Кевин Дурент ќе сотане верен на Голден стејт и по завршувањето на оваа сезона. Крилото на Вориорс соопшти дека ова лето ќе стане слободен играч, но дека нема да бара друг клуб и сака да остане во Оукленд.

Дурент го доработува договорот кој траеше две години, иако имаше можност да ја активира опцијата за продолжување во сезоната 2018/19. Сепак, тој сака да стане слободен играч, па потоа со нов, реконструиран договор да остане во најдобриот тим во НБА во последниве години.

„Планирам да останам со Вориорс, а останатите 'ситни детали“ лесно ќе ги решиме“, рече Дурент.

Кога дојде во 2016 тој се согласи за редуцирана плата, речиси 10 милиони долари помалку од она што можеше да го добие како максимална плата минатата сезона, само и само да дојде во тим со кој ќе освои шампионски прстен. 

Голден стејт не смееше да му даде побогата понуда, затоа што во спротивно ќе требаше да се откаже од Андре Игуодала и Шон Ливингстон. Сега сигурно го очекува побогат договор, особено што игра маестрално во последно време и ја презема улогата на лидер на екипата. На третиот меч од финалето со Кливленд постигна 43 поени, 13 скока и седум асистенции, водејќи ги Вориорс на дофат на титулата.