Јокиќ не знае дали ќе игра за Србија, ама во едно е сигурен: Ќе испијам многу пиво

Очекувана тема за Никола Јокиќ по болната елиминација од Оклахома беше неговиот настап на Европското првенство кое е на програмата претстојното лето.

Лани тој настапи на Олимписките игри и беше еден од најдобрите играчи, но претходната година беше остро критикуван затоа што го пропушти Светското првенство. Србија со него е можеби најголем фаворит за трофејот на континенталниот шампионат, но Јокиќ вели дека уште не знае дали ќе игра.

„Мислам дека Олимписките игри ме направија уште подобар. Играв за својата земја, со други соиграчи, под поинакви правила и тоа ме направи подобар кошаркар. Доаѓа Еуробаскетот, морам да донесам одлука околу тоа, треба да разговарам со тренерите и главните играчи во репрезентацијата. Ќе видиме, но знам дека во следните денови ќе испијам многу пиво“, рече Јокиќ.

На Европското првенство, Србија е во група со Летонија, Турција, Естонија, Чешка и Португалија, а ќе се обиде да дојде до првото злато како самостојна држава.