Харден и Вестбрук мелат се пред себе, Филаделфија со историјска партија против Кливленд (ВИДЕО)

Кошаркарите на Хјустон, Џејмс Харден и Расел Вестбрук, беа најзаслужни за 15-тата овосезонска победа во НБА лигата, откако на домашен терен „ракетите“ славеа против Феникс со 115-109.

Популарниот „Брада“ потроши многу топки, но на крајот се исплатеше за нов триумф на својот тим. Тој забележа 34 поени, 6 скока и 4 асистенции, а неговиот учинок од поле беше 8/27, односно 3/17 од линијата за три поени. За негова среќа, расположен беше Вестбрук кој го оствари третиот трипл-дабл учинок во низа, а заврши со 24 поени, 14 скока и 11 асистенции. На спротивната страна, како и по обичај, најефикасен играч беше Девон Букер со 35 поени и 5 асистенции.

Партија на кариерата одигра Бен Симонс во историската победа на Филаделфија против Кливленд. Сиксерс доминираа со 141-94, остварувајќи учинок од 11-0 на домашен терен на стартот од оваа сезона. Последен пат Филаделфија запиша 11 победи на домашен терен во низа во сезоната 1966/67. Симонс мечот го заврши со 34 поени и 7 асистенции.

На преостанатите два натпревари Индијана славеше на гостувањето кај Њујорк со 104-103, додека Јута беше подобра против Мемфис со 126-112.