Голден Стејт како препороден по доаѓањето на Батлер, го среди и Далас (ВИДЕО)

Доаѓањето на Џими Батлер очигледно позитивно влијаеше врз тимот на Голден Стејт кој оттогаш оствари пет победи на шест натпревари.

Ноќеска, Вориорс славеа убедлива победа во дуелот со Далас и ги продолжија надежите за пласман во плејофот. Тимот од Сан Франциско пред своите навивачи триумфира со 126-102 за трета победа во низа и вкупно 30. оваа сезона и сега се на само чекор од шестото место на кое се наоѓа Лос Анџелес Клиперс. Можеби звучи неверојатно, но Голден Стејт е тим во најдобра форма во Западната конференција бидејќи единствен има три победи по ред.

На ниво беше Стеф Кари кој постигна 30 поени за помалку од 30 минути поминати на теренот. Се истакна и Батлер со 18 поени, 5 асистенции и 3 скока. Многу работи околу победникот беа решени во првото полувреме, на крајот од воведната четвртина беше 33-18, а во втората, разликата отиде и над 20 поени. 

Пред Далас е еден од најинтересните натпревари оваа сезона бидејќи утре вечер гостува кај Лос Анџелес Лејкерс и првпат ќе се соочи со својата довчерашна мега ѕвезда Лука Дончиќ.

РЕЗУЛТАТИ
Минесота - Оклахома 123-130
Кливленд - Мемфис 129-123
Њу Орлеанс - Сан Антонио 114-96
Атланта - Детроит 143-148
Милвоки - Мајами 120-113
Орландо - Вашингтон 110-90
Торонто - Феникс 127-109
Индијана - ЛА Клиперс 129-111
Голден Стејт - Далас 126-102
Бостон - Њујорк 118-105