Го има најглупавиот потег во историјата, тепаше демонстранти и пак доби шанса да игра во НБА!

Ветеранот Џеј-Ар Смит веќе 15 години настапува во НБА-лигата, но и покрај тоа, прва асоцијација за него не е титулата освоена во 2016 година со Кливленд, или наградата за најдобар шести играч (2013), туку можеби најглупавиот потег во историјата направен пред две години, како и тепањето демонстрант(и) пред неколку недели.

И покрај двете непријатни работи поврзани со неговото име, Смит е пред потпис со ЛА Лејкерс во чиј дрес би требало да ја доигра сезоната во Орландо и тоа на местото на Ејвери Бредли, кој го одби тоа поради страв од коронавирусот. Се очекува да потпише краткорочен договор и повторно да заигра со Леброн Џејмс, со кого и го освои шампионскиот прстен пред четири години.

А, токму играјќи заедно со Кралот Џејмс му се случи најсрамниот момент во кариерата, кога на на стартот 1 јуни 2018 година, во првиот меч од финалето против Голден стејт вориорс, со ужасен потег ја уништи шансата на „кралевите“ за брејк во првиот меч на теренот на противникот. На пет секунди до крајот (107-106 за Г. Стејт), Џорџ Хил имаше две слободни за Кливленд, од кои го погоди првото, а го промаши второто слободно фрлање. Неговото промашување го собра Смит, кој наместо да оди на кош, веројатно мислејќи дека неговиот тим води, со топката се стрча кон центарот ескивирајќи прекршок на „воините“. Домашните секако не направија фаул, а Кливленд во продолжението загуби.

Буквално на истиот датум годинава, Смит направи уште една голема глупост, кога е снимен како тепа еден од демонстрантите во Лос Анџелес, под изговор дека го фатил како го крши прозорецот од неговиот автомобил.