Џејмс: Никогаш повеќе нема да бидам целосно фит

Леброн Џејмс утринава конечно се врати на паркетот во поразот на Лос Анџелес лејкерс од 110-106 од Сакраменто во „Стејплс центарот“.

Ѕвездата на актуелниот шампион отсуствуваше од 20 март, кога го повреди скочниот зглоб и тоа воедно беше негова најдолга пауза во кариерата. 

„Уште откако се повредив, мојот приоритет беше да се вратам на паркетот што е можно порано“, изјави Џејмс по синоќешниот меч. „Да знаете само колку часови минував секојдневно на рехабилитација, веројатно повеќе работев отколку што спиев. Изминативе шест недели го правев само тоа, ја имав таа итност да се вратам што е можно побрзо на паркетот. Знаев дека нема да се вратам 100 отсто фит. Тоа е невозможно. Мислам дека никогаш повеќе во мојата кариера нема да бидам целосно фит“, додаде кошаркарот на Лејкерс. 

Тимот од Лос Анџелес без својата најголема ѕвезда изминатиот период нареди многу порази и моментално се наоѓа на 5.место во Западната конференција со скор од 36 победи и 27 порази. Има само една победа повеќе од два тима, кои се подолу на табелата, како Портланд и Далас.