Звезда го заборави дебаклот од Партизан со највисоката победа сезонава

Осум дена откако доживеа тежок пораз од својот најголем ривал Партизан, Црвена Звезда се врати со огромна победа за крај на серијата од два пораза и враќање на самодовербата.

„Црвено-белите“ го совладаа Баерн со 101-77 во своето најдобро издание и најубедливата победа оваа сезона во Евролигата. Освен тоа што првпат во актуелната натпреварувачка кампања ја проби границата од 100 поени во елитното натпреварување, успеа да му нанесе тежок пораз на најефикасниот тим во досегашниот дел од сезоната, на огромно задоволство на околу 20 илјади гледачи во белградската Арена.

Клучната беше третата четвртина која ѝ припадна на Звезда со 29-10 и тогаш домашниот тим поведе со 27 поени разлика.. Баерн не личеше на себе и го доживеа највисокиот пораз оваа сезона, сметајќи ги сите натпреварувања. Интересно е тоа што Баерн досега има четири порази во Евролигата, а два од нив доживеа во белградската Арена каде минатиот месец загуби од Партизан.

Со оваа победа Звезда остана во плејин зоната со биланс 6/6 колку што имаат и Реал Мадрид и Олимпија Милано. Баерн падна на четвртото место со 8/4.