Српскиот селектор ќе го наследи Обрадовиќ на клупата на Фенербахче

Жељко Обрадовиќ по седум години ја напушти клупата на Фенербахче, а негова замена повторно ќе биде српски стратег и тоа во името на Игор Кокошков.

Актуелниот српски селектор ја напушта позицијата помошник во НБА-тимот Сакраменто кингс и во следните три години ќе седи на клупата на турскиот гигант. Кокошков е добро познато име, а својот најголем успех во кариерата го направи на кормилото на Словенија со која го освои Европското првенство во 2017 година.

Тој своевремено беше и првиот тренер роден надвор од Северна Америка што предводел НБА-тим, а тоа беше Феникс санс во сезоната 2018/2019. Веднаш позавршувањето на сезоната беше отпуштен поради лошиот скор од 19 победи и 63 порази. Кокошков освен во Сакраменто беше помошник тренер и во Лос Анџелес клиперс, Детроит, Феникс, Кливленд, Орландо и Јута.