Скандал во Италија, македонски репрезентативец - еден од протагонистите

Екипата на Трапани предизвика уште еден кошаркарски скандал, овојпат во првенството на Италија.

Вечерва тимот од Сицилија го пречека Тренто со македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски, а мечот траеше едвај нешто повеќе од четири минути. Трапани овојпат излезе со седум кошаркари, но петмина од нив тинејџери од младинскиот тим. Двајца изглумија повреди, четворица направија по пет лични грешки се додека на теренот не остана само еден играч поради што мечот мораше да биде прекинат. Во моментот на прекинот, Тренто водеше со 26-11, а 22 од 26. поени беа постигнати од линијата за слободни фрлања.

Тренто за овој натпревар мораше да патува над 1.000 километри за на теренот кошаркарите подолго време да поминат на загревање, отколку во игра. Единствена позитивна работа од овој развој на настаните е тоа што Тренто со оваа службена победа најверојатно обезбеди пласман на завршниот турнир од Купот на Италија.

Најмногу фаули, дури девет за четири минути, претрпе Андреј Јакимовски кој сите свои поени (12) ги постигна од линијата за слободни фрлања, од 14 обиди. Со тоа беше и најефикасен играч на мечот.