Продолжува егзодусот од Партизан - си оди и Аврамовиќ

Иако е под договор и за идната сезона, српскиот репрезентативец Алекса Аврамовиќ ќе си оди од Партизан и својата кариера ќе ја продолжи во најтрофејниот руски клуб ЦСКА Москва.

Договорот уште не е потпишан, но сите детали се договорени, а официјалната промоција ќе се одржи по Олимписките игри во Париз каде ќе настапи Аврамовиќ. Искусниот кошаркар летово имаше понуди и од Париз и Дубаи, постоеше опција да остане во Партизан, но сепак ќе го продолжи егзодусот од белградскиот клуб со тоа што ќе заигра за ЦСКА. Тоа ќе биде и нова станица во неговата интернационална кариера имајќи предвид дека во минатото играше за Варезе, Уникаха и Естудијантес.

Партизан досега промовира само три нови засилувања: Вања Маринковиќ, Ифе Лундберг и Френк Нтиликина, но неофицијално, веќе го комплетираше тимот додека останатите играчи ќе ги претстави пред почетокот на подготовките.