По 13 години, Панатинаикос е во финалето од Евролигата

Грчкиот вицешампион Панатинаикос е прв финалист во Евролигата откако вечерва, во првиот полуфинален натпревар го совлада Фенербахче со 73-57.

Тоа е прв пласман за ПАО во мечот за титулата од елитното европско натпреварување по пауза од 13 години и прв по ерата на Жељко Обрадовиќ по што в недела ќе се бори за седмиот шампионски пехар во својата историја. Победата е апсолутно заслужена ако се знае дека грчкиот тим постојано беше во водство, одигра многу подобро и повеќе го посакуваше триумфот.

Панатинаикос отвори со 12-0, Фенербахче успеа да се врати и на стартот од вториот квартал да се доближи на 20-24, а во третиот период и на само еден пен негатива (50-51). И тоа беше се од турскиот тим. ПАО постигна девет поени по ред за нова двоцифрена предност, а на нешто помалку од три минути пред крајот отиде и на +15 (70-55) по што веќе беше јасно дека ќе дојде до победата.

Матијас Лесор беше најдобар играч на натпреварот со 17 поени и 10 скока, Грант додаде 13 поени, а Нан 11. Кај Фенербахче, Хејс постигна 14 поени, а Гудуриќ додаде 10, но потфрлија некои од главните играчи, пред се Вилбекин кој заврши со само два поена.