Карпош Соколи: Подготвени сме со помош на публиката да го елиминираме силниот Калев!

Кошаркарите на Карпош Соколи утре ќе дебитираат во престижната Лига на шампионите на ФИБА, каде што ќе ги одмерат силите со естонскиот шампион Калев (17 часот) во меч кој ќе се одигра во салата „Борис Трајковски“.

Тренерот на „соколите“, Борче Даскаловски е уверен дека неговите избраниците ќе го дадат својот максимум и покрај тоа што само три недели работат заедно во пресрет на новата сезона. Намалувањето на бројот на изгубени топки како и агресивноста на целиот терен ќе бидат клучните фактори во играта на карпошовци.

„За нас е најважно да го дадеме максимумот и да најдобар можен начин да се претставиме на меѓународната сцена. Ова е голем чин како за Карпош Соколи така и за македонската кошарка воошто. Изминатиов период реализиравме сѐ што испланиравме, а дали тоа било доволно ќе покаже двомечот со Калев, кој е квалитетен и незгоден противник. Ова е огромен предизвик за мене како тренер, а сигурно и за сите кошаркари бидејќи против себе имаме ривал кој настапува во силната ВТБ регионална лига“, изјави Даскаловски на денешната прес-конференција.

Стратегот на тимот од Карпош потоа направи анализа на играта на првакот на Естонија.

„Против себе ќе имаме силни кошаркари и ќе ни биде навистина тешко да ги сопреме во одбраната. Имаат големо искуство, а шутот од далечина им е силна страна. Тројка погодуваат речиси сите, а исклучително опасни се во транзиција“, дополни Даскаловски.

На утрешната средба деби во дресот на Карпош Соколи ќе има македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски, кој летово дојде од редовите на МЗТ Скопје.

„Хемијата во тимот постојано расте, од тренигн на тренинг се разбираме сѐ подобро и мислам дека сме подготвени за предизвикот наречен Калев. Нема да биде лесно, противникот е силен, но со помош на навивачите сѐ е можно“, објасни Ѓуроски.

Управата на Карпош Соколи реши да овозможи бесплатен влез во салата за утрешната средба со Калев и упати јавен повик до сите кошаркарски вљубеници да дојдат да им помогнат на кошаркарите предводени од тренерот Даскаловски. Реван-средбата се игра веќе в четврток во Талин.