Една легенда замина, друга дојде: Барса експресно најде замена за Србинот Пешиќ!

Еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња и доскорешен тренер на Жалгирис, Шарунас Јасикевичиус, од денеска е нов предводник од клупата на Барселона, каде што доаѓа само еден ден по информацијата за заминувањето на Србинот Светислав Пешиќ.

Станува збор за поранешен играч на каталонскиот гигант, кој зад себе има 242 натпревари во дресот на Барса и освоена европска титула. Јасикевичиус (44 години), кој ќе биде еден од најмладите тренери во историјата на составот од Каталонија, изминативе години дури пет пати беше шампион на Литванија, а трипати беше најдобар во Купот.

Литванецот беше кандидат за пополнување на празното место на клупата во Фенербахче по заминувањето на Жељко Обрадовиќ, но, сепак, се реши за преземање на еден од двата најдобри тима во Шпанија.