Драма во Белград: Мициќ со тројка во последната секунда му донесе финале на Ефес (ВИДЕО)

Екипата на Анадолу Ефес ќе ја брани титулата европски шампион на завршниот турнир во Белград, откако во првиот денешен полуфинален меч од завршницата во Евролигата, по голема драма, го совлада Олимпијакос (77-74) и тоа со тројка постигната во – последната секунда.

Егзекутор беше најдобриот европски кошаркар за минатата сезона, српскиот репрезентативец Василије Мициќ, кој во стилот на најголемите мајстори го одигра последниот напад и го заврши со победнички шут за три поени со звукот на сирената. Тоа можеби беше одговор за „стручњаците“ кои сезонава го сместија само во втората најдобра евролигашка петорка, на изненадување на сите што добро ги познаваат приликите во евробаскетот. Грците долго ќе ја паметат неговата тројка, особено што во белградската арена „Соко Штарк“ беа како дома бидејќи речиси сите 20.000 гледаи навиваа за тимот од Пиреја.

Турците победничката најава ја имаа во третиот период, во кој дури дојдоа и до двоцифрена предност (59-48), по што Олимпијакос се приближи на еден напад и така се играње се до пред самиот крај. Хасан Мартин на асистенција на Слукас на скоро 20 секунди до крајот го изедначи резултатот (74-74) и донесе надеж кај црвено-белите барем за продолжение, но тогаш на сцена стапи Мициќ, кој успеа да излезе подобар од двајцата противнички кошаркари кои го бранеа и буквално да ја скине мрежичката со победничкиот кош на крајот.

Шејн Ларкин беше најефикасен кај Анадолу Ефес со 21 поен, Елајџа Брајант постигна 16, додека херојот Мициќ го заврши полуфиналето со 15 поени. Кај Олимпијакос најпрецизен беше Мекисик со 12 поени, додека Дорси, Мартин и Слукас постигнаа по 10 поени.

Во второто полуфинале, подоцна вечера, силите ќе ги одмерат шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона (21 часот). Финалето е в недела исто така во Белград.