Драма на поранешен играч на Ц. Звезда, во опасност му е дури и - животот!

Дека последиците од коронавирусот се опасни дури и кај помладите и кај професионалните спортисти покажува примерот на поранешниот кошаркар на Црвена звезда, Гал Мекел, кој доби тотална забрана за играње и тренирање најмалку во следните три месеци, бидејќи дури и животот може да му дојде во опасност.

Причина за ова е фактот што лекарите му нашле згрутчувања на крвта во белите дробови, поради што нема да игра за својот сегашен тим Уникаха во следниот период.

„Скоро еден месец имав корона и, за жал, се појавија одредени компликации. Згрутчувањето на крвта ги уплаши лекарите, секако и мене, поради што ќе мора да бидам под специјален режим во следните месеци. Верувам дека ќе победам во оваа битка и дека ќе се вратам на теренот кога ќе ѝ бидам најпотребен на мојата екипа во финишот од сезоната“, изјави Мекел.

Израелецот за Ц. Звезда играше во 2015 година, а си замина на нималку убав начин со тужба пред ФИБА, која потоа и ја доби.