Димитријевиќ пак не беше во тимот, Италијанците велат дека нема ни да заигра повеќе

Олимпија Милано попладнево ја совлада Пистоја со 95-80 во домашното првенство, а втор натпревар по ред во тимот не беше македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ.

На претходниот меч, во рамките на Евролигата, тренерот Еторе Месина објасни дека изземањето на плејмејкерот била негова одлука, но италијанските медиуми, особено оние од Милано, тврдат дека Димитриијевиќ нема повеќе да заигра за Олимпија и дека претстојното лето дефинитивно ќе си замине. Такви информации имаше и минатиот месец, со дополнување дека Уникс со раширени раце го очекува да се врати, но сега има основа за ваквите тврдења бидејќи Димитријевиќ не беше во составот и на дуелот против Басконија.

Од последните шест меча, нашиот кошаркар настапи на само еден, против Реџо Емилија минатиот викенд во домашното првенство, а и против Барселона пред две недели, на теренот помина само две минути. Ако неиграњето со Басконија можеше да се објасни како инцидент, денешното отсуство веќе најавува лошо сценарио за Нено.

Поради последниот развој на настаните, шпекулациите се дека Нено нема да заигра повеќе до крајот на сезоната, а со оглед на тоа што Олимпија Милано испадна од Евролигата, ѝ остануваат само натпреварите во италијанското првенство каде екипата ја брани титулата.