ЦСКА Москва во трилер завршница го „нокаутираше“ Реал Мадрид

ЦСКА Москва успеа со неверојатен пресврт во последната четвртина да слави со 95-90 против Реал Мадрид и така се пласираше во финалето во Евролигата.

Реал Мадрид и ЦСКА водеа израмнета борба во првите неколку минути (6-6), но потоа „кралевите“ заиграа многу подобро и поведоа со +11 (22-11), но сепак руската екипа со неколку одлични акции намали на 18-22.

Во втората четвртина Русите тргнаа многу подобро, па направија и пресврт 29-28, но шпанскиот тим успеа да се врати во игра и да замине на полувреме со водство од 45-43.

„Кралевите“ во третата четвртина го „нокаутираа“ рускиот тим, па имаа предност во еден момент од +14 (65-51), која на крајот изнесуваше 73-65, па многумина помислија дека тие ја завршија својата работа.

Сепак, Русите се разбудија во последните десет минути од мечот, кога стигнаа најпрво до израмнување (80-80), а потоа и поведоа со 87-85, па на крајот славеа со 95-90.

Нандо де Коло ја предводеше ЦСКА до триумф со 23 поени, додека кај Реал најдобар беше Фабиен со 18 постигнати поени.