ЦСКА Москва со пресврт го доби дербито против Реал Мадрид

ЦСКА Москва вечерва во рамки на 19. коло од Евролигата на домашен терен со пресврт успеа да го совлада Реал Мадрид со 60-54.

Не почна најдобро мечот за домаќините затоа што Реал од самиот старт ја презема контролата на играта и резултатот и уште во првото полувреме имаше неколку пати и двоцифрена предност.

Сепак, Русите до полувреме успеаа да намалат на седум поени негатива, а во продолжение заиграа одлична одбрана и почнаа да ја топат и таа предност на „кралевите“, по што со пресврт успеа да слави со 60-54.

Мајк Џејмс со 19 поени ја предводеше неговата екипа до вредна победа, а Треј Томпкинс со 14 поени беше најдобар кај шпанскиот гигант.

На останатите натпревари Валенсија славеше против Химки со 84-75, Анадолу Ефес го реши Милано со 88-68, додека Фенербахче запиша убедлива победа против Лион.