Ц. Звезда прокоцка плус осум во последните 150 секунди за пораз од бившиот тренер!

Кошаркарите на Црвена звезда имаа добитна комбинација на вечерашниот меч на домашен терен против Панатинаикос (75-77) во меч од 2. коло од Евролигата, но во последните 150 секунди прокоцкаа предност од осум поени па теренот повторно го напуштија со наведнати глави.

Црвено-белите имаа 73-65 на две ипол минути до крајот, но му дозволија на тимот предводен од нивниот најтрофеен тренер, Дејан Радоњиќ, со серија 12-2 да дојдат до триумф во пенал-завршница. Бентил ја предводеше Ц. Звезда со 18 поени и шест скока, а Григонис беше лидер на Панатинаикос со 17 поени и три асистенции.

Драматично беше и во Монте Карло каде што домашниот Монако дојде до вториот триумф по ред, овој пат во пресметката со актуелниот европски шампион Анадолу Ефес (95-92) и тоа по едно продолжение. Турците имаа водство 82-80 во последната минута и напад, но не се снајдоа најдобро, што домашните прво го искористија да дојдат до дополнителни пет минути во кое ептен подобро се снајдоа.

Вечерва играат уште Барселона и Реал Мадрид односно Виртус Болоња и Баерн Минхен.