Баскет-спектакл во Париз: Холандија до титулата со кош во последната секунда (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Холандија е сензационален олимписки шампион во 3х3 откако во финалето го совлада домаќинот Франција со 18-17.

За начинот на кој Холанѓаните дојдоа до трофејот ќе се зборува уште долго. За титулата мораше да се игра продолжение бидејќи во основниот дел беше 16-16, а херој на холандската репрезентација беше Ворти де Јонг. Тој го постигна кош за израмнување во основниот дел за потоа, во последната секунда, да постигне двојка за победа.

За Холандија ова е прво злато во историјата, сметајќи ги сите манифестации, а досега најголем успех ѝ беше второто место на светските првенства во 2017 и 2018 година. Бронзениот медал го освои Литванија која ја победи Летонија со 21-18, а најголемо разочарување е Србија која испадна во четвртфиналето.