Атаман се врати дома и загуби од „својот“ Ефес
Конечниот исход е големо изненадување, не затоа што турскиот првак е слаб тим, туку затоа што на овој меч му недостасуваа седуммина кошаркари. Тренерот Ердем Џан едвај собра играчи за да ја комплетира екипата, но оние кои се појавија на теренот го дадоа и последниот атом од силите.
Пред натпреварот, навивачите во „Синан Ердем“ бурно го поздравија довчерашниот тренер на Ефес, Ергин Атаман кој првпат дојде во оваа арена откако минатото лето го напушти клубот од Истанбул. Сепак, трофејниот стручњак не успеа да дојде до победата, па ПАО падна на деветтата позиција на табелата и сега има ист ефект (6/6) како и Анадолу Ефес.
Тарик Џонс беше централна фигура на натпреварот со постигнати 21 поен и 14 скока, а Ларкин додаде 20 поени. Кај Панатинаикос, Матијас Лесор и Кендрин Нан постигнаа по 13 поени, а Грант заврши со 12.