Во Битола ќе има и добра кошарка: Пелистер се засили со двајца репрезентативци на Македонија!

Градот Битола со години наназад важи за ракометен, со оглед на долгогодишната традиција на Пелистер односно на Еурофарм, но во следната сезона во оваа средина ќе се игра и добра кошарка, ако се суди според почетните засилувања.

Репрезентативците Бојан Трајковски и Бобан Стајиќ од денеска и официјално се нови членови на прволигашот Пелистер, со што управата на овој клуб ја потврди интенцијата за формирање колектив кој ќе може да се вмеша во битката за највисок пласман. Битолчани минатата сезона за влакно не се пласираа во Суперлигата, која потоа и не се одигра поради пандемијата со коронавирусот, но за следниот шампионат тоа ќе биде најмалата зацртана цел. Плановите се атак на место во плејофот, како и што подобар пласман во Купот на Македонија.

Ова воедно се и првите кошаркарски трансфер за следната сезона и тоа набрзо по одлуката на челниците на КФМ за поништување на првенството без да биде прогласен шампион. Ако Перо Антиќ остане на кажаното, Првата лига во следниот шампионат ќе брои 12 екипи, што автоматски ќе донесе поголем број натпревари и поголем напор за кошаркарите.