Кошаркарите на Пелистер вторпат во клупската историја и тоа по пауза од 15 години ќе играат во финалето од Купот на Македонија, откако вечерва на завршницата во Битола, по голема борба, ја добија полуфиналната пресметка против Еуро Никел (78-68), со што за утре си закажаа финале против МЗТ Скопје (18 часот).

Битолчани апсолутно заслужено дојдоа до победата, иако тоа воопшто не беше лесно против кавадарчани, кои иако само трипати беа во водство повеќе од три четвртини беа како „здодевна мува“ не дозволувајќи му на противникот резултатски да се „одлепи“. Но, нивната упорност траеше до последниот период, во кој зелено-белите со серија 13-0 конечно им го скршија отпорот на огромно задоволство на публиката која исполни две третини од трибините во салата „Боро Чурлевски“.

Јунак во таборот на составот од Битола беше хрватскиот интернационалец, Јуре Планиниќ, особено со играта во првото полувреме кога постигна дури 24 поени и тоа со само едно промашување од поле. Тој средбата ја заврши со 27 поени (7/8 за 2п, 3/4 за 3п), со осум скока и пет асистенции, потврдувајќи ја одличната форма и фактот дека ќе биде голем адут во тимот предводен од Дарко Радуловиќ. Ништо полошо не одигра ниту Андреј Маслинко, кој средбата ја заврши со 22 поени. Смит Меквин со 21 поен и Врањеш со 17 поени беа најпрецизни кај Еуро Никел.

Пелистерци единствениот пат играа финале на завршницата од Купот во 2009 година во Охрид, кога во пресметката за трофејот загубија од домашниот ривал Амак СП. Изминативе две години играа во завршниот дуел за титулата против МЗТ Скопје, а ова првпат против аеродромци да играат и за куп-пехарот.