Белградски маратон: Момче во дрес на Партизан турка другар во количка во дрес на Ц. Звезда (ФОТО)

Денеска на улиците низ српската престолнина се одржа 37. издание на „Белградски маратон“, кој донесе многу добри спортски пресметки, но и убави и пред се емотивни сцени.

Веројатно најемотивна беше таа во која навивач на Партизан туркаше инвалидска количка во која беше момче облечено во дрес на Звезда, со што покажаа дека не треба се да биде на нож кога се во прашање навивачите на најголемите српски ривали.

Ова не е првпат овие момци да учествуваат на белградскиот маратон, бидејќи беа снимени минатата година, па ова им доаѓа како традиција. Целиот настан опфати маратон од 42 километри, полумаратон од 21,1 километри, штафета полумаратон, трка на 10 километри и трчање на задоволство од 2,3 километри. Меѓу натпреварувачите имаше и други кои беа во инвалидски колички, но тоа не ги спречи да ја покажат својата желба и да станат херои, по којзнае кој пат во животот.

Вакви емотивни сцени се традиција и на нашиот „Скопски маратон“, чие годинешно издание следува во блиска иднина.