Српски МТЕЛ и официјално ги „обедини“ МЗТ и Работнички (ФОТО)

Најдобриот македонски кошаркарски колектив во последниве десетина години, екипата на МЗТ Скопје, денеска доби квалитетно засилување, но не на теренот туку во спонзорскиот тим, откако денеска беше промовиран договорот за партнерство со српската компанија МТЕЛ.

Ова значи дека членката на телекомуникациската групација Телеком Србија го направи речиси невозможното, односно ги збратими двата најголеми ривали со оглед што веќе една година наназад е спонзор и на Работнички. Договорот на аеродромци со МТЕЛ е едногодишен, а сумата остана во тајност.

„Потпишување спонзорски договор со компанија како МТЕЛ е уште еден доказ МЗТ Скопје е препознатлив бренд не само во Македонија туку и пошироко во регионот. Верувам дека ќе ја оправдаме довербата и дека ова е само почеток на една подолгорочна соработка помеѓу субјекти кои се лидери во својата бранша. Помошта и тоа како ќе ни биде добредојдена, со оглед што и оваа сезона нашите амбиции се највисоки, односно атак на врвот во секое од натпреварувањата во кои ќе настапуваме“, изјави директорот на МЗТ, Филип Ѓоревски.

Задоволство и гордост од склучениот договор изјавија и луѓето од српската компанија.

„Горди сме што како компанија имаме можност, но и големо задоволство да бидеме дел од успешната приказна на МЗТ Скопје. Среќни сме што ја продолжуваме традицијата на нашата компанија во рамки на своите можности да ги поддржиме спортските клубови, а преку тоа да придонесеме кон поздрава и поактивна младина, што во денешницата е од особена важност“, нагласи генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ.

На денешната прес-конференција присуствуваа уште и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, како претставник на целосниот сопственик на МЗТ, како и Владмир Лучиќ, генералниот директор на Телеком Србија.