Шкупи побара дозвола од Антиќ да (за)игра во заедничката лига на Косово и Албанија!

Само неколку дена откако испрати писмо до јавноста барајќи административно да биде вратен во Првата лига, второлигашот Шкупи повторно се најде во центарот на вниманието со изјавата дадена за косовските медиуми дека побарал официјален прием во новоформираната заедничка лига на екипи од Косово и Албанија.

Тренерот Енвер Мифтари ги известил косовските новинари дека неговиот тим е подготвен да биде дел од кошаркарското натпреварување кое би ги обединило Албанците во регионот, па дури и дека чека дозвола од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), односно од нејзиниот претседател, Перо Антиќ.

„Заинтересирани сме и веруваме дека ќе играме во оваа се-албанска лига. Во контакт сме со федерациите на Косово и на Албанија, но дозвола за тоа треба да даде и КФМ, од каде сме во очекување на зелено светло“, изјави Мифтари.

Претходно, заинтересираност да биде дел од ова натпреварување изрази уште еден второлигаш од Скопје и тоа тимот на Албес. Заедничката косовско-албанска лига се очекува да почне во октомври.