Ретко видена драма: Фени по дури две продолженија го освои Куманово!

Кошаркарите на Фени индустри како да се претплатија на средби со драматичен финиш, откако вечерва по дури две продолженија како гости го совладаа тимот на Куманово (116-115), нешто случно да подвигот што го направија пред неколку кола против вицешампионот Карпош Соколи.

Кумановци долго ќе жалат за пропуштената шанса со оглед на одличната игра во првото полувреме во кое имаа позитива и од дури 18 поени разлика (47-29). Но, кавадарчани во ниту еден момент не се предадоа, прво надополнија минус пет во последните две минути од регуларниот дел од средбата, а потоа и подобро се снајдоа во двата екстра периоди.

Фени имаше тројца исклучително расположени кошаркари, кои беа најзаслужни за големиот триумф. Јане Петровски беше најефикасен со 29 поени (пет тројки), Андреј Магдевски средбата ја заврши со 28 поени, шест скока и седум асистенции додека Адам Мирковиќ реализира 21 поен. Кај домашните најпрецизен беше Грифин Раме со 29 поени.

Претходно денеска, Кожув како гостин ја совлада Струмица (92-85) за прв триумф во новата сезона во Првата лига додека кошаркарите на Карпош Соколи лесно го „прелетаа“ Пелистер (102-73). Синоќа, АВ Охрид беше пресилен за Шкупи, а Работнички за Блокотехна, а шестата рунда ќе се заокружи задутре кога МЗТ Скопје ќе го пречека Гостивар.