Рајковиќ: Се надевам дека ќе дочекам да ја предводам ЦСКА во Евролигата!

Седнувањето на Емил Рајковиќ на клупата на ЦСКА Москва е еден од најголемите тренерски трансфери во историјата на македонскиот спорт, со оглед што ниту еден стратег од нашата земја не бил во можност да предводи ваков гигант со дури осум европски титули во својата биографија.

Поранешниот предводник на Фени индустри, Работнички и на МЗТ Скопје сезонава нема да може да ги предводи „црвеноармејците“ во Евролигата, со оглед што руските клубови се суспенирани поради војната во Украина. Но, тоа не е пречка Македонецот да се надевам дека ќе дочека да го командува рускиот гигант во најелитното европско натпреварување.

„Немав никаква дилема кога дојде понудата од ЦСКА Москва. Знаев дека нема да играме во Евролигата, но не се пропушта шансата да се биде тренер на ваков гигант. Се надевам дека ќе останам доволно долго за еден ден да водам меч од ова елитно натпреварување. Претерување е дека за само 15 минути се договорив со управата на ЦСКА, но преговорите воопшто не беа долги“, изјави Рајковиќ за руските медиуми.

Македонскиот тренер потпиша договор на две години со московскиот гигант, што му дава надеж дека барем следната сезона ќе ја превдоди ЦСКА во Евролигата. Тој има големо искуство во ВТБ-лигата преку настапите со Астана, каде што беше две сезони и во Автодор Саратов, каде што работеше во минатата сезона, а успесите со овие два тима беа најголема негова препорака за седнување на клупата на еден од најголемите европски клубови во кошаркарската историја.