Радуловиќ: Нема да погрешиме и да ја потцениме Академија ФМП!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со убедлива победа над Куманово (100-84) се пласираа меѓу четирите екипи што утре ќе ги продолжат борбите за трофејот во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, иако крајниот резултат не покажува колку тешко им беше на „металците“ да дојдат до посакуваната цел.

Тренерот Дарко Радуловиќ ги пофали кумановци за пружениот отпор, но со мислите е веќе на утрешното полуфинале против Академија ФМП, која денеска сензационално го победи Пелистер (100-98).

„Знаев дека ќе биде тежок натпревар, Кумановов двапати во првенството ни правеше проблеми. Кога паднавме малку во играта успеавме да погодиме неколку важни шутеви и ја одржавме разликата која цело време беше во наша корист. Им честитам на кумановци за борбата, а ние веќе размислуваме за утре. Се подготвувавме само за Куманово, па ќе треба ножва да размислуваме за Академија ФМП. Можеби сме фаворити, но видовте дека се може да се случи ако се потцени овој тим. Наша предност е подолгата клупа и ние ќе мора да го искористиме тој адут “, изјави Радуловиќ.

Уморот во клучните моменти на неговите избраници е причината за неуспехот на Куманово во вечерашниот дуел со МЗТ, смета тренерот Игор Ѓорѓиевски.

„Лошо го отворивме натпреварот и потоа требаше да бркаме цело време. Не се испочитуваа договорите од тренинзите. Во второто полувреме влеговме со задача да се вратиме во игра, стигнавме и до два разлика, но уморот си го даде своето. Немавме доволно играчи во ротацијата и на крајот загубивме“, изјави стратегот на кумановци.

Средбата помеѓу МЗТ и Академија ФМП се игра утре во СРЦ „Кале“ со почеток во 17 часот.