Работнички потврди и откри кој е позитивен на коронавирусот!

Нецел час откако во кошаркарските кулоари се прошири информацијата за „влезот“ на Ковид-19 во таборот на Работнички, за тоа дојде потврда и од таборот на најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас.

Неофицијалната информација беше дека еден странец и еден помлад домашен играч биле позитивни на коронавирус, но црвено-белите од „Градски парк“ објавија дека заразен е само Американецот Демиер Питс.

„Би сакале да информираме дека американскиот плејмејкер Питс, кој неодамна ја продолжи соработката со Работнички, е позитивен на вирусот Ковид -19. Кај Питс е евидентиран позитивен тест, по направените редовни контролни тестирања. Тестирани се и останатите играчи, каде што тестовите се негативни на вирусот Ковид-19. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување, Американецот Демиер Питс останува во изолација“, велат од Работнички.

Појавата на коронавирусот, сепак, нема да го наруши тренажниот процес на 15-кратниот шампион.

„Почитувајќи ги протоколите за работа и мерките од Владата, Работнички продолжува со редовна работа и одржување на тренизите со останатиот кошаркарски тим, за подготовка на домашните првенства и меѓународни натпреварувања. Му посакувам брзо опоравување на Питс и враќање во тимот со останатите соиграчи. За сите дополнителни информации, навремено ќе ја информираме јавноста за состојбата на нашиот колега. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат мерките и да бидат индивидуално одговорни за заштита на колективното јавно здравје“, изјавува директорот на клубот, Ненад Павловски.

Останува да се види дали позитивниот тест на Питс ќе се пренесе и во екипите кои изминативе денови играа пријателски средби со Работнички и тоа ТФТ и Куманово, од чии табори е најавено итно тестирање.