Работнички: Питс беше во полиција, ама тој е погрешно посочен!

Веста дека кошаркарот на Работнички, Демиер Питс, донесе итна реакција од клубот од „Градски парк“, од каде што потврдуваат дека плејмејкерот е посочен како можен напаѓач на скопјанецот К.Л. (36) во инцидент што се случил кон крајот на март на бензиска пумпа во општина Центар, но дека тој не е - тепачот.

Според центарци, Американецот веќе бил на распознавање во полиција, а имало и снимки од инцидентот што оделе во негова полза.

„Нашиот кошаркар не учествувал во тепачката. Постојат видео-снимки од настанот, а бевме и на распознавање во полиција. Не станува збор за играчот на Работнички“, вели Ненад Павлоски, директорот на 15-кратниот шампион.

Без разлика на реакцијата од Работнички, нашите извори тврдат дека работата не е така едноставна, односно дека истрагата сѐ уште е во тек и дека допрва треба да се утврди дали скопјанецот бил нападнат од Питс, кого самиот го посочил со име и презиме. МВР го нема затворено случајот, што значи американскиот плејмејкер сѐ уште е осомничен дека му скршил вилица на К.Л. по вербална, а потоа и физичка пресметка пред бензиска пумпа во вечерните часови на 30 март.