
Работнички на американски погон ја здроби Академија ФМП
Академија ФМП имаше водство само на стартот од 10-8, по што Работнички се разигра, а одлични на паркетот беа Форте и Пол кои му помогнаа на тимот од „Градски парк“ да ја добие првата четвртина со 30-14. Предноста на најтрофејниот македонски клуб продолжи да се зголемува и на полувреме достигна +25 (64-39).
Работнички не ѝ дозволи на Академија ФМП да се надева на било каков пресврт во второто полувреме, а во исто време дооплнително ги притисна за да ја зголеми разликата до крајот на мечот и таа достигна 120-84.
Форте беше најдобар кај Работнички со 36 поени и 14 скокови, додека Малешевиќ постигна 26 поени и три скока. На спротивната страна по 20 поени постигнаа Џоунс и Коскоски.