Работнички ќе игра во две различни сали, но ниту една од нив не е – Градски парк!

Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, во новата сезона ќе дебитира во АБА2-лигата, каде што ќе игра паралелно со двете домашни натпреварување и тоа во две различни сали меѓу кои не е нивните петдецениски дом „Градски парк“.

Центарци за дуелите од јадранската конкуренција официјално ја пријавиле салата „Борис Трајковски“, каде што веќе настапуваа во минатото и тоа во настапите во ФИБА Еврокупот како и во домашната Суперлига и плејоф, откако „храмот на кошарката“ доби лиценца само за средби од првата фаза во Првата лига. Според наши информации, пак, избраниците на тренерот Димитар Мираковски најголем дел од тренинзите ќе го одржуваат во големата сала во СРЦ „Кале“, каде што би ги играле и средбите од домашните натпреварувања. Овој спортски објект е во владение на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) поради што трошоците за работа и настап таму секако ќе бидат помали во однос на репрезентативниот објект во населбата Карпош, кој, пак, Работнички би го користел само за меѓународните пресметки.

Салата „Градски парк“ одамна не ги исполнува условите за врвни кошаркарски натпревари, првенствено во делот на инфраструктурата потребна за посетителите, како и во делот на соблекувалните за играчите и за официјалните лица. Црвено-белите буквално по секое коло во изминативе две сезони беа казнувани од комесарот на Првата лига за ваквите пропусти, како и за неисправните технички уреди во салата, а овој спортски објект неодамна беше исмејуван дури и во САД. Тимот на најпознатото кошаркарско семејство во последните години во Америка, тоа на Лавар Бол и неговите синови Лонѕо (игра во НБА), Лианџело и Ламело, играше против Работнички пред скоро две години, а пред извесно време се појави видео-снимка во која тие ги исмејуваат условите во „Градски парк“, особено во соблекувалната каде што мирисало како „некој да умрел во неа“.

Салата во скопскиот Градски парк е изградена далечната 1970 година и тоа како монтажен објект каде што би се играле средби од Мундобаскетот чиј домаќин била СФР Југославија, а чија завршница се одржала во Љубљана. Градоначалниците на општина Центар, која формално е сопственик на клубот, со години наназад најавуваат нов спортски објект на местото на „храмот“, дури и има откупено решение на новиот изглед, но на теренот не е ништо мрднато. Последните информации споделени од сегашниот „прв татко“, Саша Богдановиќ, е дека во тек е спор за денационализација на земјиштето на кое се наоѓа салата и дека кога тоа ќе се реши веднаш ќе се почне со реализација на проектот за модернизација на „Градски парк“.