„Во соблекувалните во Македонија смрди како некој да умрел во нив!“ (ВИДЕО)

Ептен непријатно видео за состојбата во соблекувалните во салата „Градски парк“ во Скопје се појави денеска на социјалните мрежи и тоа постирана од продокцијата која го реализира реалното шоу на најголемиот циркузант во светот на кошарката, Лавар Бол, чиј син Лонзо игра во НБА во дресот на Њу Орлеанс пеликанс.

Избраниот тим од јуниорската Џеј-Би-Еј лига, која е во сопственост на Бол сениор, а во која настапуваа и неговите помали синови Ламело и Лианџело, во ноември 2018 година гостуваше во македонската престолнина, каде што одигра пријателски меч со Работнички. Центарци победија со 127-122, но една ипол година подоцна, Американците се „одмаздија“ со посебен клуп во кој ги претставуваат условите на кои наишле во соблекувалната во т.н. „храм на кошарката“.

Видеото почнува со инсерти од необичните тајфуни со кои се загрева овој објект и тоа во моментите кога се достава нафта во нив, а потоа преминува во навистина руинираната соблекувална. Реакциите на американските кошаркари се жестоки, а особено се исплашија од пајаците кои можеле да се забележат во неа.

„Прво нешто што може да се забележи кога ќе влезете во македонска соблекувална е мирисот, бидејќи смрди како некој да умрел во неа“, вели Лианџело Бол, кој во моментов е член на Оклахома сити блу од развојната Џи-лига на НБА.

Во видеото може да се слушнат и забелешки на студот во салата. Единствено нејасно е што овои инсерти се појавуваат дури сега, 20 месеци по гостивањето на тимот на семејството Бол во Скопје.