Поранешниот селектор на Македонија и во новата сезона ќе го предводи Гостивар!

Амбициозната управа на Гостивар го реши тренерското прашање за новата сезона, откако вечерва го потврди продолжувањето на соработката со поранешниот македонски селектор, Марјан Србиновски.

За искусниот стратет ова ќе биде четврта сезона на клупата на гостиварци, на која седна во 2017 година. Србиновски тренерската кариера ја почна во Работнички, а потоа работеше и во Торус, Кожув и во тимот на Куманово. Ќе остане запишан како трет Македонец, по Заре Марковски и Марин Докузовски, кој ја предводел националната селекција на едно Европско првенство и тоа во 2015 година во Загреб.

„И во новата сезона со истиот предводник. И покрај повеќето понуди, Србиновски останува лојален на нашиот клуб за да го продолжи тоа што го започна во својот роден град, а можеби и да биде предводник на нешто многу поголемо оваа сезона“, објавија гостиварци.

Гостивар во новата сезона влегува со големи амбиции, во кои е вклучен и настап на меѓународна сцена, со желба да се биде дел од АБА2-лигата, што во моментов зависи од многу фактори, како тоа дали МЗТ Скопје ќе се „пресели“ во елитната јадранска конкуренција, односно дали Блокотехна ќе „воскресне“ и по едногодишна пауза ќе прифати да игра во второто по ранг натпреварување на просторот на поранешна СФР Југославија.