Кошаркарите на Пелистер втора сезона по ред ќе играат во финалето од плејофот, откако вечерва вторпат по ред го совладаа ТФТ (84-82) за нова пресметка за историската прва титула и тоа против истиот ривал – МЗТ Скопје.

Клучна за триумфот на гостите од Битола беше првата четвртина, во која со низа од осум поени дојдоа до највисоките плус осум на мечот (26-18), кои потоа само ги задржаа до крајот. На домашните кошаркари, колку за утеха, им останува податокот дека беа подобри во три од четирите периоди, но тоа не им беше доволно да дојдат до посакуваниот триумф, а со тоа и до „мајсторка“ на теренот на противникот.

Андреј Маслинко со 23 поени и 11 скока беше прво име кај Пелистер, додека зад него беа Карпентер со 20 и Карутерс со 17 поени. Дупри Мекбраер со 17 поени беше најефикасен кај ТФТ и покрај тоа што предвреме го напушти паркетот поради техничка и неспортска лична грешка, поради што домаќинот уште во првото полувреме остана и без Виктор Ташовски.

Финалната серија се игра до три победи, а според календарот на КФМ треба да почне дури на 27 мај. Но, постојат сериозни шанси тоа да се случи веќе следната среда или четврток со цел да нема преголема пауза помеѓу полуфиналните и финалните средби.