Пелистер потпиша плејмејкер од САД – дебитант со одлични бројки во НЦАА (ВИДЕО)

Екипата на Пелистер полека го комплетира тимот за новата сезона, откако денеска го официјализира договорот со американскиот плејмејкер, Ламар Норман јуниор (23 год, 185 см), за кого настапот во Битола ќе биде прво европско искуство.

Станува збор за брз и продорен кошаркар, со одлични бројки зад себе во двете последни сезони од настапот за Вестерн Мичиген во престижната НЦАА-лига. Новиот член на зелено-белите во минатиот шампионат просечно реализирал 17,3 поени со 2,8 скока и 3,2 асистенции, додека една година претходно имал уште подобар просек со 19,8 поени, 3,2 скока и две асистенции по натпревар.

Пелистер во новата сезона влегува со желба за организацисо и финансиско стабилизирање на клубот, но и со надеж за вмешување во борбата за двата трофеи на домашна сцена, како и на што подобар пласман во АБА2. Битолчани го задржаа Андреј Маслинко, а летово се засилија со Александар Костоски, Амар Хот, Лука Стојановски како и со Американците Бернард и Банди. Вицешампионот почна со подготовките за новата сезона, кои од вторник ќе ги продолжи на Златибор (Србија).