Пелистер мора да победи за да „преживее“, во Аеродром веќе се лади шампањското!

Кошаркарите на Пелистер се наоѓаат во сигурно најтешката позиција за еден спортист, а тоа е да мораат да победат за да „преживеат“, бидејќи пораз на вечерашниот натпревар на домашен терен против МЗТ Скопје (18.30 часот), за нив би значел крај на сезоната со повторување на ланскиот успех – епитетот вицешампион.

Аеродромци водат со 2-0 во серијата до три победи, по двата триумфа на средбите одиграни во „Јане Сандански“ минатата недела, што ги става во позиција да имаат дури три меч-топки за освојување на јубилејната десетта титула. Избраниците на тренерот Васко Атанасов ќе сакаат што побрзо да ги решат сите дилеми, па ќе се обидат да го искористат притисокот кај битолчани за експресно да ги решат сите дилеми околу одбраната на титулата.

Првата два меча покажаа дека подолгата клупа на сино-белите, а со тоа и поголемиот број квалитетни играчи во ротација, е клучна за крајниот исход, со оглед што тренерот на зелено-белите, Марјан Илиевски, најчесто има доверба во шест до седум кошаркари. Тоа, пак, е погубно во серијата што се игра на три дена, бидејќи заморот станува фактор кој може да ја донесе клучната разлика. Но, без разлика на сето ова, кошаркарите на Пелистер најавуваат голема борба и обид да дојдат барем до почесна победа, со која целосно ќе го изедначат ланското остварување, кога во битката за трофејот исто така загубија од МЗТ (1-3).

Вечерашниот дуел на кој би можело да дојде до крунисување на старо-новиот шампион директно ќе биде пренесуван на МТВ-3.