Пелистер ја намачи Блокотехна, Струмица конечно дојде до втората победа

Кошаркарите на Блокотехна продолжија да му дишат во врат на неприкосновениот лидер во Првата лига Работнички, откако вечерва, далеку потешко од очекувањата, дојдоа до триумф на гостувањето кај Пелистер (73-67).

Гевгеличани доминираа во првото полувреме и со убедливи 15 поени го завршија првото полувреме (43-28). Но, домаќинот не се предаде и со голема упорност дојдоа до неизвесен финиш во кој поискусните гости подобро се снајдоа. Бенџамин Двејн со 19 поени беше најпрецизен кај Блокотехна, Данило Мијатовиќ постигна 14, а Антон Казарновски 11 поени. Луис Роберт со 27 поени беше најефикасен кај Пелистер.

Кошаркарите на Струмица, пак, конечно дојдоа до втората победа сезонава и тоа на домашен терен против младинскиот состав на Карпош Соколи (86-71). Разликата беше очигледна, а триумфот на домаќинот заслужен. Димитар Делипетров со 25 и Дамјан Стојменов со 16 поени беа најефикасни кај струмичани додека Здравко Богдановски со 14 и Лука Петровски со 12 поени беа најпрецизни кај „соколите“.

Претходно, во 13.. коло, Работнички како гостин убедливо го совлада Фени индустри, Кожув минимално го изненади Гостивар, а Куманово беше подобар од АВ Охрид во дербито на колото. Рундата се затвора в среда, кога МЗТ Скопје ќе го пречека Шкупи.