Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до осмата победа по ред во домашното првенство, откако вечерва, полесно од очекувањата, како гости, го совладаа амбициозниот тим на ТФТ (90-82).

Гостите сосема заслужени дојдоа до бодовите, со оглед што релативна изедначеност имаше само во дел од првата четвртина, а противникот само двапати беше во минимално водство. Одличната игра кон крајот на воведниот и во вториот период и серијата 15-3, на сино-белите од Аеродром им донесоа високи плус 14 (35-21) како најава за триумфот, предност која на почетокот на второто полувеме прерасна и во највисоки плус 23 (57-34).

Тоа како да ги опушти избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ, особено во одбраната, што резултира со контра-одговор на ТФТ со 17-5 и драстично намалување на негативата (51-62). Домаќинот во последните десет минути го своеде првакот на едноцифрена предност, но немаше сили ниту квлаитет за целосен пресврт.

Дамјан Стојановски со 20 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, Роберт Рикиќ одигра одличен меч со 19 поени и 13 скока, додека Дастин Вер исто така имаше дабл-дабл ефект со 10 поени и 14 асистенции. Хортон со 22 поени и девет скока беше најдобар кај домаќинот, каде што одлично одигра и репрезентативецот Андреј Маслинко, со 18 поени и осум скока. Аеродромци се соочија и со хендикеп, а тоа е повредата на Кристијан Николов, кој мораше да го напушти теренот уште во првото полувреме од средбата.

Ова беше меч од 9. коло од Првата лига, во кое вчера Работнички беше подобар од Кожув, Пелистер го прегази Ангели, а Еуро Никел немаше проблеми со МЗТ Скопје УНИ Банка. Вечерва играат уште Куманово и Феникс односно Гостивар и Академија ФМП: