Несуденото големо засилување на Работнички потпиша за тим од Италија!

Американецот, кој требаше да биде големо засилување за Работнички во сезоната 2018/19, а кој не настапи на ниту еден меч поради задоцнета регистрација, Ксавиер Џонсон (27 год, 201 см), кариерата ќе ја продолжи во Италија и тоа во дресот на Капо ди Орландо.

Станува збор за поранешен италијански претставник во Лигата на шампионите, кој сега настапува во А2-лигата, со желба да се врати на старите победнички патеки. Џонсон во овој тим доаѓа по престојот во соседна Бугарија, каде што го носеше дресот на Рилски спортист и тоа со просек од 16,7 поени и 7,7 скока. Претходно, играше за Колорадо универзитетот во НЦАА-лигата, како и за тимот на Тексас леџендс од развојната Џи-лига.

Американскиот кошаркар потпиша договор со Работнички лани во април, но центарци не го запазија рокот за негово пријавување во КФМ, поради што тој не доби право за настап во Суперлигата и плејофот. Тимот од „Градски парк“ поради ова влезе во војна со тогашниот претседатело на Куќата на кошарката, Петар Наумоски, но крајниот епилог остана ист, откако и Арбитражната комисија ја одби регистрацијата на Џонсон.