Настан на годината во Македонија: НБА ѕвезда на 1 јули ќе прави свадба во – Охрид!

Македонскиот бисер крај Охридското езеро, градот Охрид, на почетокот од јули ќе биде во центарот на вниманието на светската кошаркарска јавност и тоа поради свадбената церемонија на ѕвездата на Кливленд кавалирс, Чеди Осман и познатата турска актерка, Ебру Сахин.

Причина за ваквата одлука на турскиот репрезентативец е желбата во брак да стапи во својот роден град, каде што има голем број роднини. Ова секако ќе биде настанот на годината, не само за Охрид туку и за целата држава, со оглед што станува збор за еден од најквалитетните европски кошаркари во моментов. Осман кариерата ја почна во Анадолу Ефес, а дресот на „коњаниците“, каде што едно време беше соиграч и со Леброн Џејмс, го носи од 2017 година.

Двојката, која е заедно од 2020 година, една недела подоцна ќе направи свадбена церемонија и во турското туристичко место Чешме, каде што се запознале и каде што ја почнале својата врска. Чеди судбоносното прашање го постави пред извесно време во Кападокија, по што веднаш стана јасно дека бракот ќе им почне во неговиот омилен Охрид, каде што секое лето минува по неколку недели.