МЗТ со НБА-партија го прегази Пелистер и дојде на чекор до деветтата титула (ФОТО)
Сино-белите кошаркари ги одиграа можеби најдобрите 25 минути во домашното првенство сезонава, во кои буквално го прегазија гостинот од Битола. Делумна неизвесност траеше само до средината на првиот период, по што аеродромци со серија 15-3 дојдоа до плус 11 (30-19), со што најавија каков меч имаат во план да одиграат. Потоа, дојде ново сино-бело цунами со 36-9, за највисоки на мечот плус 36 (66-30), што значеше ерупција на трибините. Тоа беше НБА-период на избраниците на Александар Петровиќ, со оглед што имаа речиси десетина атрактивни забивања, по што сето останато до крајот беше само рутина.
Немања Милошевиќ со 23 поени и седум скока беше најпрецизен во тимот од „Јане Сандански“, додека зад него беа Војдан Стојановски и Хуан Дејвис со по 14 поени заедно со пет асистенции односно шест скока. Дејвид Хотон и Игор Кесар со по 15 поени беа најпрецизни кај зелено-белите.
Следниот меч од серијата, кој воедно е и меч-топка за МЗТ Скопје, е закажан за в петок во Битола. Ако Пелистер успее да изедначи на 2-2, тогаш решавачкиот дуел за титулата ќе се одигра в недела во „Јане Сандански“.