МЗТ Скопје обезбеди две засилувања во рекетот и едно во - стручниот штаб!

Актуелниот кошаркарски шампион МЗТ Скопје продолжува со засилување на македонската база на тимот за следната сезона, откако денеска и официјално го потврди останувањето на репрезентативниот крилен центар Андреј Маслинко (23 год, 208 см), но и ангажманот на потенцијалниот репрезентативец, Филип Бакоч (24, 206).

За Маслинко ова ќе биде четврта сезона во Аеродром, каде што првпат дојде во август 2017 година. Тој беше дел од тимот на „металците“ што стана шампион во 2019 година, а кој дојде и до пехарот во Купот на Македонија една година претходно. Минатата сезона се наметна како еден од најважните играчи во составот предводен од Ѓорѓи Кочов, поради што од аеродромци него очекуваат уште подобри игри во сезоната која претстои.

Бакоч, исто како и една година помладиот репрезентативен колега, потпиша едногодишен договор со тимот од „Јане Сандански“. Тој во февруари годинава првпат беше дел од подготовките на националниот тим на Македонија, но не доби шанса за настап на средбите против Естонија и Русија. Во Аеродром доаѓа од тимот на Еуро Никел, а има играно уште и во АВ Охрид и во Карпош Соколи, со кој има настапи во АБА и БИБЛ лигите.

МЗТ Скопје го засил и стручниот штаб, во кој од денеска е и доскорешниот тренер на Вардар, Дарко Радуловиќ, а кој ќе ја има функцијата помошник на првиот стратег Кочов. Станува збор за поранешен кошаркар на МЗТ Скопје од сезоните 2006/07 и 2008/09, кој во играчката кариера настапуваше уште и за Никол Ферт, Поло Трејд, Тоа сум јас, Фени индустри, Кожув, Куманово и Вардар, каде што во последните скоро пет години работеше прво како асистент, а потоа и како прв тренер.

Претходно, договорот со актуелниот првак го обновија капитенот Дамјан Стојановски и тренерот Кочов, а под обврска од минатата сезона се и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.