МЗТ Скопје квартетот странци го комплетира со - бековски тандем од САД!
Станува збор за перспективни кошаркари, со европско искуство, кои ги краси брзината, преглед на играта, а кога треба и агресивност кон противничкиот обрач со цел на својот тим да му донесат драгоцени поени. Расел зад себе има пет години во елитната дивизија од НЦАА-лигата, од кои четири во дресот на Луизијана универзитетот, во кои во последната сезона имаше просек од 17 поени. Минатата сезона го имаше првиот настап во европската кошарка и тоа во дресот на српскиот прволигаш Тамиш, каде што просечно реализираше 16,2 поени со 2,4 скока и 2,3 асистенции.
Ворку, пак, е добро познат на македонската кошаркарска јавност со оглед што предминатата сезона настапуваше за Гостивар со просек од 16,8 поени, 5,1 скока и 7,2 асистенции. Европската авантура ја почна пред три години во хрватскиот тим Забок, за потоа да направи трансфер во Задар, каде што остави повеќе од солиден впечаток.
Претходно, тимот на МЗТ Скопје се засили со српско-хрватскиот центарски тандем, Душан Танасковиќ и Марко Баковиќ, додека договорна обврска од претходно имаа браќата Дамјан и Војдан Стојановски и Андреј Андоноски. Тренер на актуелниот шампион и во следната сезона ќе биде Васко Атанасов.