МЗТ Скопје и Работнички ќе играат пред публика, ама само за – вакцинирани!

Со пресметката од Суперкупот „Драган Василов-Цевка“ помеѓу МЗТ Скопје и Работнички (19.30 часот), закажана в сабота во СРЦ „Кале“ и официјално ќе почне новата кошаркарска сезона, во која по 18-месечна пауза ќе се одигра пред публика во салата.

Според безбедносните протоколи за заштита од коронавирусот, вечното дерби ќе може да го проследат само вакцинираните спортски вљубеници, кои ќе мора да покажат доказ за тоа на редарите пред влезовите. Исто така, ќе биде дозволено пополнивање само на третина од капацитетот во салата со која веќе извесно време стопанисува Кошаркарската федерација на Македонија.

Во предигра на машкиот Суперкуп, силите ќе ги одмерат и двете најдобри екипи од минатата сезона во женска конкуренција и тоа Баскет Кам и Бадел 1862 (17 часот).