Екипата на МЗТ Скопје е првиот финалист, откако вечерва и вторпат по ред го совлада вечниот ривал Работнички (73-62), со што без пораз ја мина и полуфиналната плејоф-пречна, откако претходно во два меча беше подобра од Кожув.

Исто како и пред три дена во Аеродром, сино-белите и овој пат дури во финишот го скршија отпорот на мотивираниот противник, кој, сепак, немаше сили и доволно квалитетни играчи до крај да го издржи пеколниот ритам. Како клучна се покажа серијата 14-2 на стартот од последната четвртина, со која „металците“ првпат дојдоа до двоцифрена предност (69-58), со која го најавија крајниот епилог. Лидер на гостите во овој дел беше Кеандре Кук, кој во овој дел постигна осум поени, со што ги подразбуди и соиграчите за да дојдат до посакуваниот триумф.

Војдан Стојановски со 18 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, додека веднаш зад него беа Кук со 18 поени и Дастин Вер со 12 поени. Малешевиќ со 14 и Ѓелетовиќ со 13 поени беа најпрецизни кај Работнички. Аеродромци со ова се пласираа во 17. финале од плејофот, во кое ќе ја бркаат јубилејната десетта круна.

Противник на тимот од „Јане Сандански“ во битката за титула ќе биде подобриот од пресметката помеѓу Пелистер и ТФТ (1-0), во која пелистерци утре во Скопје ја имаат првата меч-топка за место во финалето.